Професорот Љубомир Цуцуловски изразува чудење зошто дури сега Дирк Јан Коп, амбасадорот на Кралството Холандија во Република Македонија, изрази отворена критика кон тоа што се случува во Државата.
„Меѓутоа, зарем толку децении требаше да поминат за да се сфати со кого имаат работа и кого досега неограничено подржуваа – како Кралството, така и „меѓународната заедница“?
Зарем тоа не им беше јасно уште во 2001 година, кога врз Македонија на најбрутален начин беше извршена агресија од нивното тукушто ослободено (ослободено?) чедо – Косово?
Можеби не им беа јасни импликациите од неумерените, просто до невкусност доведени барања на албанските партии во Македонија?
Или, не им е јасна природата на сегашното мешање на Албин Курти (првиот човек на Косово) во внатрешните односи во Државата Македонија?
Можеби не се известени за тоа?- вели, меѓу другото, Цуцуловски во објава на Фејсбук. 
„Затоа, одамна не верувам во искреноста или неинформираноста на „меѓународната заедница“, што и да се мисли под оваа напудрена и напуфкана синтагма, како што и не верувам дека влезот во ЕУ ќе се реши со промена на Уставот, особено со внесувањето на Бугарите во него.
Она од кое денес некои се изненадени и навредени (ако се изненадени и навредени) можеби (но, м о ж е б и!) е библискиот синдром на одметнатиот син. Тоа е ситуација кога делото што си го создала ти бега од контрола, макар што и во ваквото објаснување не верувам.
Доволно е, на пример, да се секнат финансиските, меѓутоа и воените канали преку кои се снабдува одметнатиот син и во истиот миг ќе биде парализиран, онемоќен. Бидејќи ни тоа не се прави, работите не се толку нејасни, ниту толку нерешливи, како што некои се обидуваат да ги прикажат“, пишува Цуцуловски на Фејсбук.