Професорот Љубомир Цуцуловски на Фејсбук посочува дека уште пред 18 години ја разоткрил контрадикторноста на првиот министер за надворешни работи на независна Македонија, Денко Малески.
„БЕСМИСЛЕНО Е… Бесмислено е било што ново да напишам за Денко Малески, чиј татко (Владо Малески) е авторот на текстот на македонската државна химна. Сепак, потсетувања на некои нешта се неопходни. Не толку затоа што ќе се заборават, туку да се потврди како одредени персони, ако се воопшто и персони, во континуитет мислат, односно не мислат.
‘Вознемируваат размислувањата и предлозите на некои македонски интелектуалци. Дел од нив се залагаат за граѓански концепт на државата, а во практиката форсираат етнички решенија. Така, на пример, Денко Малески (во ‘Утрински весник’ од 12.02.2002.), сеедно што се залага за граѓанска држава, смета дека проблемите во Македонија ќе биле надминати ако се излегло во пресрет на барањата на Албанците да се прогласат за конститутивен народ. Значи, од една страна, се залага за граѓански концепт на државата, од друга страна, размислува за Албанците како конститутивен народ. Ова е како некој да се залага за среќна несреќа. Освен, се разбира, ако не се работи за оксиморон, т.е. за свесно направена глупост’.
Претходниот навод е дел од мојата книга „Политички сказни“ (Култура, Скопје, 2002 година, стр. 369)“, објави Цуцуловски.





