„Сеедно на отстапките, што би се направиле кон Бугарија, или кон кого било друг, секоја членка може да постави вето и Македонија да се најде повторно со прстот во устата. Затоа губат секаква смисла било кои разговори или отстапки. Ова при денешната посета на Урсула Лаен треба да го има предвид секој македонски политичар, оти сѐ друго е само замајување, како што и досега беше. После тоа нема враќање, или е речиси неможно.“ – реагира универзитетскиот професор Љубомир Цуцуловски во врска со најновата посета на шефицата на Европската комисија Лаен на Македонија и нејзиниот притисок да се внесат Бугарите во Уставот како услов да започнат преговорите за „зачленување во ЕУ“.
Натаму на својот фејсбук-профил Цуцуловски нагласува: Лаен може да има и други ангажмани, освен грижата постојано да ја зачленува Македонија во ЕУ. Ја разбирам нејзината грижа, но ред е и таа да разбере дека насила убавина нема.
Одамна небитно е кое бугарско барање ќе биде прифатено, бидејќи кое и да се прифати, вклучувајќи го и тврдењето дека Македонците и македонскиот јазик имаат бугарски корени, не претставува гаранција за прием. Бидејќи, уште пред четири години ЕУ порача дека и да бидат започнати преговорите, секој миг можат да бидат прекинати, или вратени на почетната точка, ако го побара тоа некоја земја-членка. Во исто време, не треба да се заборави дека одлучувањето во ЕУ – вклучувајќи го и прашањето за прием – е со консензус.





