Блокадата од страна на Бугарија може да потрае подолг временски период, ветото од Бугарија ќе се повтори и на претстојниот јунски самит на ЕУ а јавноста треба да биде подготвена за тоа, изјави денеска на трибината организирана од страна на Советот на амбасадори Бранко Црвенковски.
„Треба веднаш да се прекине со праксата присутна во последните 4-5 години на лесно и без основа подигање на очекувањата дека решението е на повидок и само што не се случило. Големи, а нереализирани очекувања водат кон големи разочарувања“, вели поранешниот премиер и претседател .
Во изјавата која што ја пренесе МИА, Црвенковски оценува дека потпишувањето на Договорот за пријателство и соработка со Бугарија со таква содржина, посебно со формулацијата за „заедничка историја“ и формирањето на мешовитата историска комисија со мандат да арбитрира околу историските настани и личности, е голема грешка“.
Според Црвенковски Договорот не само што не затвори ниту едно прашање, туку напротив, ја отвори Пандорината кутија и создаде основа за цела серија барања од страна на Бугарија, кои, како што нагласи, „до таа мера задираат во нашиот национален идентитет и историја што компромис едноставно не е можен“.
„Тезата која се пласираше во јавноста дека за националниот идентитет не преговараме, а за историјата ќе се договориме, во самата своја основа е апсурдна. Секој и сечиј национален идентитет е резултат на историски процес кој се потпира на одредени историски меѓници, настани и личности. Ако тие меѓници ви бидат одземени и прогласени за туѓи, од националниот идентитет не останува ништо освен празна реторика“, потенцира Црвенковски.
Имајќи ги предвид огромните и непомирливи разлики меѓу позициите и „црвените линии“ на двете страни, Црвенковски единственото можно решение за спорот го гледа во „асиметрично“ толкување на историјата и идентитетските прашања – односно секоја страна да си го задржи правото на сопствено видување и притоа тоа да не претставува никаква пречка во билатералните и мултилатералните односи.







