Бранко Црвенковскина на форум за Западен Балкан во Сараево, вчера го демантираше поранешниот претседател на Бугарија, Росен Плевнелиев, кој констатирал дека Македонија е млада земја и можеме да го викаме јазикот како сакаме, но оти „немало македонски јазик пред да го создаде Тито“.
„Јас мојата реакција на изјавата на претседателот Плевнелиев ќе ја почнам на македонски јазик. И тоа не е случајно.
Тоа е мојот мајчин јазик, тоа е јазикот на кој говорел мојот татко, мојот дедо, и дедото на мојот дедо. Значи неколку генерации пред мене кои биле и родени и живееле уште пред да се родат и Јосип Броз Тито и Сталин“.
Понатаму Црвенковски на јазикот на домаќинот констатирал:
„Јас барем не знам никој што успеал во историјата на вештачки начин да креира нова нација. Имало обиди, но успешни обиди нема“.
„Она што Бугарија не успеа да го постигне во Втората светска војна со оружје и воени средства, денес сака да го постигне користејќи го нејзиното членство во ЕУ и правото на вето за носење одлуки. Мене ми е потполно јасен ставот на Бугарија, но она што ме интересира е како на ова гледаат другите членки на ЕУ“ изјави вчера поранешниот претседател на државата Црвенковски како што пренесе Канал 5 .







