Катастрофалниот почеток и примените дури осум гола по водечкиот на Стоилов го чинеа Вардар петти пораз во низа во ракометната Лига на шампионите, втор едноподруго од Пик Сегед, овој пат со 30:27 во „Јане Сандански“.



Расштимуваниот оркестар на Веселин Вујовиќ цели 15 минути не успеа да го најде патот до противничката мрежа, па на полувреме замина со негатива од 16:9.

Подобрата игра, пред сè, во нападот во вториот дел, во кој Талески ги постигна своите четири гола, ја пробудија надежта кога „црвено-црните“ намалија на 15:18, но по тајмаутот на Пастори неговите ракометари повторно се одлепија на 23:17 и рутински го приведоа мечот до крајот.

Дибиров и Гаџа со по пет погодоци беа најефикасни кај двократниот европски шампион, кому ќе му треба чудо за да ја прекине црната серија во следниот круг на 2 декември, кога му гостува на Кил.

И по осум одиграни кола македонскиот првак останува шести во групата А со петте бода освоени во првите три средби.