Техничкиот премиер Оливер Спасовски пред десетина дена изјави дека пред изборите на 12 април очекува една од најцрните кампањи во историјата на државата, па некој побрза да го потврди неговиот исказ со напад врз лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
Поштенските сандачиња на скопјани утринава осамнаа преплавени со летоци без партиски обележја или податоци за „авторот“, во кои се навредува првиот човек на опозицијата.
„ДИК нема да дозволи изборната кампања да стане валкана. Оние партии кои нема да се однесуваат одговорно, ќе бидат казнети согласно одредбите од Изборниот законик. Ќе се мониторираат сите собири и јавни настапи, ќе се утврдува злоупотреба на буџетските средства. Во сузбивањето на црната кампања ќе бидат вклучени и Антикорупциската комисија и Државниот завод за ревизија“, неодамна порачаа од Државната изборна комисија.





