Црна Гора ја исфрли Македонија од листата за влез во земјата без карантин!

Непосредно пред отворањето на своите граници за странци, Црна Гора ја врати Македонија на црната листа, па македонските државјани од денеска, 1 јуни, нема да можат да влезат во најмалата ексјугословенска република без карантин.



Покрај за Македонија, ова важи и за Ирска, а причините ги образложи Институтот за јавно здравје на Црна Гора (ИЈЗЦГ).

„Ја ажуриравме листата на држави во кои стапките на активни случаи на Ковид-19 се помалку од 25 на 100.000, што подразбира влез во ЦГ без карантин. На листата повеќе не се Северна Македонија и Ирска, во кои, по денес потврдените случаи, стапката пораснала“, соопшти ИЈЗЦГ.

Само пред три дена Македонија беше на белата листа, но алармантните 62 новозаболени од коронавирус во последното деноноќие ја врати на црната листа.

Слободен влез во Црна Гора веќе имаат државјаните на 131 земја, меѓу кои и Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Грција, Хрватска, Косово, Словенија итн.

Покрај во Црна Гора, со македонски патни исправи засега не може да се влезе без карантин ни во Хрватска.