Општина Струга за утре (21 јуни) најави свечена инаугурација на проектот за осветлување на реката Црн Дрим



Во вторникот, коритото на реката Црн Дрим во Струга светна во сина боја, а осветлувањето се реализира согласно регулативата за нормативно-техничките стандарди.

Проектот вклучува инсталација на арматура, изработена од нерѓосувачки челик отпорен на корозија. Должината на коритото е 900 м., додека арматурата за осветлување беше поставена од двете страни на коритото со должина од 1800 м, соопштија од општината.

Договорот за осветлување на речното корито бил склучен во април и за тоа се потрошени 110 илјади евра.

Екологот и професор по биологија, Кирил Пржо, кој на Фејсбук сподели загриженост од овој проект на општина Струга.

„Осветлувањето на речните води, го менува циркадијалниот ритам на живиот свет (се губи чуството за ден и ноќ). Дополнително осветлување го зголемува или изменува циклусот на раст на водните алги, што влијае врз квалитетот на водата во реката. Светлината го нарушува животот на рибите особено чуство за ориентација, комуникација и растење. Осветлувањето ја зголемува температурата на реката. Загадувањето со светлина значително го намалува живиот свет во градските средини, со што го спречува нивното хранење, размножување и движење“, забележува Пржо.