Марјан Николовски, кој е уредник и сопственик на порталот Религија, е повикан од МПЦ-ОА да се појави на црковен суд на којшто ќе се носи одлука за неговите критички текстови за работата на Синодот на МПЦ-ОА.
Тој е повикан утре да се јави пред црковен суд, затоа што, како што пишува во поканата за рочиштето, предизвикувал омраза кај верниците, а членовите на Синодот ги доведувал во опасност.
„Јас сум новинар и мене не може да ме повикува на одговорност црковен суд. Тие мислат дека ако ме одлачат од црквата и ако кажат дека јас не сум веќе дел од црквата нема да имам право да пишувам. Па јас не сум ни муслиман па пишувам за проблемите во ИВЗ, не сум ни католик па пишувам за проблемите во католичката заедница. Едноставно матрицата кај одредени луѓево МПЦ да не може да разберат што е новинарство и, пред сè, критичко новинарство доведува до ваква ситуација“, реагираше Николовски.
Реагираа и новинарските здруженија. Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) ја предупреди црквата да не создава паралелен судски систем.
Од Здружението на новинари (ЗНМ), пак, ги осудуваат обидите на црковните власти да го замолчат новинарот Марјан Николовски.





