CNN одби да го рекламира Трамп

Претставници на штабот на американскиот претседател Доналд Трамп се обиделе да откупат рекламен простор на популарната ТВ мрежа, но CNN го блокирал обидот и не сакал да ја пренесе видео пораката до Американците во која се вели дека планот на Трамп функционира, објави со соопштение кабинентот, а го пренесува Спутник.



„Истиот телевизиски канал во мај не дозволи емитување и на друг спот на актуелниот претседател на САД, со што само се потврдува дека CNN го презентира само сопствениот став“, велат во штабот на Трамп.

Спотот од 30 секунди објавен во неделата е составен од кадри од повеќето водечки телевизиски канали кои се спротивставуваат на оваа администрација, вклучувајќи го и CNN, и вели дека „планот на претседателот функционира, без оглед на медиумските напади и професионалните политичари, кои му стојат на патот“.

Но, зад се, стои и нешто друго. Имено, претседателот на САД на Твитер објави карикатура на која воз го удира репортерот на CNN и тоа само три дена откако бел расист прегази жена на собир на десничарите.

Карикатурата која брзо беше повлечена, прикажува новинар на CNN кој е прегазен од Трамповиот воз, што е симбол на неговите приврзаници, пренесува BBC. Портпаролот на Белата куќа изјави за NBC дека карикатурата со која одеше натпис „лажни вести не можете да го запрете Трамповиот воз“ е „објавена ненамерно и затоа е отстранета веднаш штом е забележана“.

Инаку, Трамп деновиве е под остра критика и од левите и од десните, а се по митингот на расистите во саботата во Шарлотсвил, Вирџинија, каде што загина една жена.

Причината е во тоа, што то
ј веднаш не ги осуди белите расисти, и наместо тоа, ги изедначи „сите страни“, обвинувајќи ги за „омраза, нетолеранција и насилство“ во градот. Во понеделникот, тој се обиде да ја дообјасни својата позиција, и ги осуди Кју Клукс Клан и нео-нацистите. Но, и во оваа пригода тој влезе во конфликт со репортерот на CNN. Кога новинарот го праша зошто му требало толку долго да ги осуди насилните протести, Трамп му одговори „Ги сакам вистински вести, а не лажните“ по што покажа на дописникот на CNN во Белата куќа и додаде „Ти си лажна вест“.

Медиумите кои по мислење на Трамп шират лажни вести, често се предмет на напади на Твитер профилот на Трамп што го следат речиси 36 милиони луѓе.