Грчкиот премиер го обвини денеска лидерот на опозициската Неа демократија, Киријакос Мицотакис, дека со својот екстремен говор и манипулации на темата „македонско“ го легитимира „екстремниот десничарски активизам и националистички политички дискурс кој сега флертува со фашизмот”.
„Со овој политички избор тој ја покренува фанатичката реторика, поделбата, но и екстремните фашистички политички формации кои, иако маргинални, сега се побезбедни да излезат од нивните скривалишта“, обвинил премиерот.
Според расудувањето на премиерот во својот говор пред Советот на министри (грчката влада), оваа линија на Киријакос Мицотакис ја оддалечува конзервативната Неа демократија од традиционалната десница и ја води во прегратка на десниот екстремизам во Европската унија, како што е оној на Виктор Орбан од Унгарија и Себастијан Курц, Австрија.
„Курц, откако победи на изборите со својата анти-имигрантска реторика, го најави законот за задолжителна 12-часовна работа. Ова е новото политичко семејство на Мицотакис […] Политички сојуз на екстремната десница, која сака да ја остави Грција сама да се соочи со бегалската криза и да ја наметне нај антисоцијалната агенда“, рекол премиерот.
Ципрас го обвини Киријакос Мицотакис дека избрал „да ја поткопа нормалноста“ и „всушност му наштетува на интересот на земјата”.





