Поранешниот грчки премиер и лидер на опозициска СИРИЗА Алексис Ципрас го обвини премиерот Кирјакос Мицотакис дека се плаши да ги стави на ратификација во Парламентот трите меморандуми со Македонија, за да не ја загуби пратеничката група, а дека директна корист од тоа има Турција.



Одговарајќи на новинарско прашање за Договорот од Преспа, за време на традиционалната прес-конференција во Солун, Ципрас рече дека Грција не може да бара од Скопје да го исполни својот дел во однос на спроведувањето на договорот, доколку и Мицотакис не го исполни делот со меморандумите.

„…кога не ги промовираш, немаш преговарачка сила да бараш од твоите партнери да го почитуваат и спроведат договорот. Не бара од нив да го почитуваат и спроведат договорот и ги остава опуштени. Кој има корист од ова? Да ви кажам јас кој има корист? Турција има корист од ова“, рече Ципрас.

.Од трите меморандуми, кои не се ратификувани во грчкиот парламент, едниот се однесува на одбрана на воздушниот простор на Северна Македонија од грчки воени авиони, а два се за економска соработка.