Американската Централна разузнавачка агенција (ЦИА) непосредно пред смртта на Јосип Броз-Тито проценила дека Македонија нема економска основа за да опстане како самостојна држава.
„Македонија не располага со адекватна економска база за да може да преживее како независна држава. Единствената алтернатива, обединување со Бугарија, претставува слаб мамец за југословенските Македонци поради полтронските односи на Софија со Москва и поради бугарското негирање на посебен македонски идентитет“, се наведува во анализата на ЦИА од 19 јануари 1980 година, цитирана од српскиот весник „Вечерње новости“ во написот „Пролетта на Косово не задоцни“ од второто продолжение од фељтонот за предвидувањата на американските разузнавачи за иднината на СФР Југославија.
Македонија е спомната и во депешата од 6 февруари 1982 година под наслов „Југославија: Немирите на Косово сè пожестоки“.
„Националистичките немири во покраината Косово се полоши отколку што официјално се известува. Продолжуваат студентските демонстрации, растат нападите на албанските националисти врз Србите во одредени области, а немирите се шират и на албанските етнички региони во Македонија и во Црна Гора“, стои во анализата.
Тито почина на 4 мај 1980 година во Љубљана, а Македонија е независна држава од успешниот референдум на 8 септември 1991 година.





