Чупеска: Македонците ексклузивно се самоименуваат како суверена нација, а всушност дејствуваат уривачки во уставниот поредок!

„Реториката, што ја сеат лицемерните, ги прави се повидливи националните разлики и поттикнува не бинационална држава, туку тринационална. Во неа има едни, што ексклузивно се самоименуваат како суверена нација, а, всушност, лицемерно ја толкуваат нацијата и дејствуваат субверзивно во рамките на овој социо-политички и уставен поредок. Другите се оние, кои сакаат да го унапредат истиот тој поредок и да му овозможат напредок и нудат непопуларни, но одржливи политички и демократски решенија.“ – пишува Ана Чупеска, професор по политички науки од Правниот факултет „Јустинијан Први“ од Скопје, во својата колумна со наслов „Кружен тeк“, во која, „анализирајќи“ го концептот на бинационална држава, сосема јасно ги напаѓа Македонците како нација, иако не ги споменува и конкретно по име, дека „лицемерно и ексклузивно се самоименуваат како суверена нација“, а оти „всушност дејствуваат субверзивно во рамки на постојниот социополитички и уставен поредок“!



Во колумната, која ја објави информативниот портал „Либертас“, Чупеска се впушта во фронтален напад и кон ВМРО ДПМНЕ како партија, нарекувајќи ја „лицемери – бранители“, па тврди: „Лицемерите – ‘бранители’ верглаат дека некој сака да ни ги ‘земе’ идентитетот и јазикот, но напротив сите аргументи се во спротивна насока. Сега се лицемерно и против Бугарите во Устав, а сакаат и допрва да договараат со Бугарија.“

„Кога ја анализираме политичката подготвеност да се преземат клучни државнички чекори во правец на ЕУ насоката, треба да ги согледаме дволичноста/лицемерието, неодлучноста и немањето храброст за решавање на проблемите. Не смееме да го заборавиме условот, кој ни висеше над глава за прием во НАТО: решавањето на спорот со Грција. Предлогот, што го имавме на маса, беше промена на името за надворешна, но не и за внатрешна употреба… Дволичноста на тогашните власти и сегашните нивни инсталациски мрежи кон нашите партнери и кон сопствените граѓани, предизвика уште поголемо влошување на македонската преговарачка позиција и на нашата меѓународна комуникација.“

По авторитарните 10 години успеавме со зрела и разумна политика да дојдеме до некој компромис, кој во иста мерка ги задоволува, но и ги прави не многу среќни и двете страни, ако се земат предвид максималните позиции, кои беа на маса! Сега повторно истото лицемерие од истиот субјект. Повторно истите лицемери, ‘бранители’ верглаат дека некој сака да ни ги ‘земе’ идентитетот и јазикот, не давајќи ниеден единствен аргумент за такво тврдење. Уште помалку па решение за проблемите. Напротив, сите аргументи се во спротивна насока. Решенијата ги нема. Истото тоа лицемерие не ја признава Владата, а учествува во неа. Истото лицемерие има против Бугарите во Устав а ветило кај Борисов се и сешто; па уште и допрва ќе се договара со Бугарија.“

„Ако не ги предвидите иднината и напредокот, разбирливо е зошто постојано се обидувате да се најдете во минатото: антики, мантики, и други трa ла ла. Имате ли подобар план за раст од сегашниот план актуелниот план на Урсула Лаен од ЕУ за Западниот Балкан? Имате ли решение за преговарачката рамка од ЕУ, која постојано ја кудите? Имате ли концепт и одржлива визија за извесност на земјата?“