Министерот за внатрешни работи Наќе Чулев го обвини техничкиот премиер Оливер Спасовски дека, од една страна го обвинува МВР за ширењето на коронавирусот, а од друга не дозволува да се пополнат дел од испразнетите работни места и со тоа го опструира нормалното функционирање на Министерството.
„Владата од една страна секојдневно ме обвинува дека сум виновен за нејзините неуспеси поврзани со ширење на коронавирусот, а од друга страна и во ваква состојба Оливер Спасовски и неговите послушници во Министерството за внатрешни не успеваат да се издигнат над партиските интереси, а со цел заштита на здравјето и животот на граѓаните.
Имено, во услови на пандемија и прогласена вонредна состојба Владата со заклучок го задолжува Министерството за внатрешни работи да ги стопира огласите со кои се пополнуваат дел од испразнетите работни места. Политиката и партиските интереси повторно се поважни од здравјето и животот на граѓаните, а со ова Владата предводена од Оливер Спасовски уште еднаш го потврдува тоа.
И покрај фактот што ДКСК и Управниот суд донесоа одлука и пресуда со која се поништи одлуката на владата за поништување на решенија за распоредување донесени од моја страна и ја потврдија законитоста на моето постапување, Владата и понатаму продолжува спротивно на Законот да се меша во работењето на Министерството за внатрешни работи и да го опструира нормалното функционирање, со што крајно негативно влијае врз неговата ефикасност“, вели Чулев во објава на Фејсбук.





