Чудо невидено: Пратеници по системот “супер бабичка” пишуваат закони мислејки дека ние пиеме нафта

Законите за Бехтел Енка се менуваат за поединци да станат милионери, смета пратеникот и лидер на Демократската партија на Србите во Македонија Иван Стоиљковиќ.



Во објава со наслов ,,Чудо невидено”, Стоиљковиќ вели дека пратениците по системот “супер бабичка” пишуваат закони како што пијат вода, мислејки дека сите ние пиеме нафта.

,,Не би сакал да потценувам никого, но навистина не сум знаел дека имам толку квалитетни колеги-пратеници кои номотехниката (пишувањето на закони) ја имаат во мал прст. Успеале луѓето за неколку дена да совладаат осум законски решенија и да достават амандмани за нивна измена, да потсетам дека станува збор за неколку темелни закони (работни односи, културно наследство, експлоатација на земјиште…), да напоменам дека најголем број од промените на законите се извор на ненормално богатење на поединци”, смета Стоиљковиќ.

Затоа според него граѓаните се заинтересирани за следниве прашања

1.Кој е покровител на оваа крими операција? 2.Кој најповеќе ќе профитира од оваа операција?
3.Која е цената која државата ќе треба да ја плати?
4.Каде се даде борбата против корупција?

,,И многу други прашања, но би завршил со оваа, дали оваа е цената што мора да се плати и заради која се избегнаа вонредните парламентарни избори под изговор за кобајаги уставни промени, кои не постои теоретска шанса да се случат, но затоа под тој изговор може да се затскрие отворениот грабеж на националното богатство на македонската држава”, вели Стоиљковиќ кој открива дека добил покана да номинира претставник во работната група за пишување на уставни амандмани.

,,Неверојатно, но вистинито е дека Министерството за правда без пишана иницијатива за започнување на постапка почнува со пишување на амандмани. Бидејки станува збор за очигледна злоупотреба на службената должност на Министерот за правда (бидејки редоследот е прво Собранието со 2/3 мнозинство на предлог на Уставната комисија, чиј член сум, да ја утврди потребата од уставни промени) ќе препорачам на партиските органи да ја одбиеме поканата.

Енормното богатење на поединци кое ќе биде резултат на овој процес ќе има сериозни импликации во политичкиот живот. Да не биде не сме кажале”, порачува Стоиљковиќ.