Чудна листа на највлијателни личности во Европа

Американскиот магазин Политико објави листа на највлијателни луѓе во Европа. Личностите се поделени во три категории – сонувачи, нарушувачи и оние кои би можеле да се опишат како најголеми „работници“.



Како личност која е опишана како највлијателна оваа година во Европа, се споменува лидерот на опозицијата во Полска и најверојатно нов премиер на земјата, Доналд Туск, кого магазинот го опишува како „ветер на промени“. Две децении двајца мажи се борат за душата на Полска. Во синиот агол, борејќи се за демократската и европската визија на државата, Доналд Туск, а од друга страна, во црвениот агол лидерот на партијата Право и правда Јарослав Качински. Формирањето влада на Туск се слави и во Брисел, каде што тој е фаворит уште од периодот кога беше претседател на Европскиот совет, пишува Политико.

Италијанската премиерка Џорџа Мелони е прогласена за „извршител број 1“ на листата на списанието „Политико“. Мелони почна да спроведува уставни реформи кои значително ќе ги зголемат овластувањата на премиерот. Таа сè уште оди „по влакно“ на своето десничарско гласачко тело. Таа е против миграцијата, им нареди на локалните власти да престанат да ги регистрираат истополовите двојки како родители, сурогат мајчинството го направи кривично дело, пишува Политико. Пред власта изгледаше како една од пријателите на Владимир Путин, но по инвазијата на Украина, стравовите на Брисел и САД не се остварија. Таа ја осуди инвазијата на Путин на Украина, а потоа отпатува во Киев во знак на солидарност, се истакнува во анализата. Исто така, се наведува дека претстојната изборна година ќе биде клучна за Мелони.

Покрај Мелони, на оваа листа се најдоа и Урсула фон дер Лајен, Емануел Макрон, Реџеп Таип Ердоган, Марин Ле Пен и Кристин Лагард. Во третата категорија, т.н „нарушувачи“ се бројни функционери, но првото место го зазеде Елвира Набиулина, претседател на Централната банка на Русија и жена опишана како „банкарката на Путин“. Покрај Набиулина, на списокот се најдоа и Виктор Орбан, Карлес Пучдемон и Аналена Бербок.

Конечно, категоријата „сонувачи“ ја предводи украинскиот претседател Володимир Зеленски, кој е споредуван со Винстон Черчил и Нелсон Мандела.