Чолаковски се „нуди“ кај Милевски, петти гол сезонава во Австралија (ВИДЕО)

Македонецот Стефан Чолаковски од далечната Австралија со своите настапи и петте гола, плус една асистенција, на 12 одиграни натпревари сезонава во А-лигата се наметнува за повик од селекторот на македонската фудбалска репрезентација Благоја Милевски.



Левото крило родено пред 23 години во Мелбурн, син на Пепи и Валентина Чолаковски, во последното коло минатиов викенд го отвори резултатот во 34. минута во победата на неговиот Перт глори од 2:1 на гостувањето кај Вестерн Сиднеј вондерерс.

Претходно, тој беше стрелец во двата дуела со Њукасл џетс и со Синтрал коуст маринерс, а беше асистент против Сиднеј.

Чолаковски, кој пред две години беше дел од шампионскиот состав за Мелбурн Сити, за кој запиша 4 погодока и 5 асистенции, има и македонско државјанство и два меча за македонскиот национален тим до 21 година.