„Кој се е виновен за тешкиот пораз, кој треба да си замине од партијата? Чии оставки се следни? Дали главниот проблем на Заев во СДСМ е Црвенковски, или можеби проблемот на лидерот на владеачката партија е што многу негови сопартијци се навистина разочарани од него?“ – прашува весникот „Скопско ехо“ во својот коментар објавен со наслов „Чии оставки се следни во СДСМ, чии суети се поголеми?“
„Бранот на оставки и барања за нови заминувања почнува да ја тресе се уште владеачката партија СДСМ. По дебаклот на изборите партискиот лидер и премиер Зоран Заев најави оставка. Иако тој се однесува со оставката во стилот’да – не“, друг функционер на СДСМ веќе поднесе оставка. Претседателот на Надзорниот одбор на СДСМ Горан Сугарески, кој доживеа убедлив пораз уште во првиот круг на изборите за градоначалник на Прилеп, утрово преку Фејсбук соопшти дека поднесува оставка од неговата функција: ‘Во знак на морална одговорност за неуспехот на локалните избори на локално на централно рамниште поднесувам оставка од функцијата претседател и член на Надзорниот одбор на СДСМ. Извршувањето високи партиски и државни функции, покрај другото подразбира и одговорност кон граѓаните и членовите на нашата партија.“
„Поранешниот генерален секретар на СДСМ Александар Кирацовски вчера изјави дека очекувал оставка од целото актуелно раководство на партијата: ‘Очекував целосна оставка од раководството пред се од солидарност кон Заев. Иако лидерот, условно кажано, сам нагласи дека се чувствува најодговорен за случувањата не е единствено одговорен.“
„Ваквите заминување и барања за нови оставки, очигледно, покажуваат дека се случуваат големи потреси во СДСМ. Поразот на локалните избори на виделина како да почнува да ги вади и внатрешните поделби, конфронтации, прегрупирања… Кој е се виновен за тешкиот пораз? Кој треба да си замине од партијата? Овие прашања ги мачат деновиве социјалдемократите.“
„Завчера во емисијата ‘Клик Плус’ поранешниот партиски лидер и премиер Владо Бучковски истакна дека дебаклот на социјалдемократите е врзан за опструкциите, кои ги правел порашениот неприкосновен партиски шеф, премиер и претседател на државата Бранко Црвенковски: ‘Неколку групации покажуваат амбиции за преземање на водството во СДСМ по заминувањето на Зоран Заев. Меѓу нив е и Бранко Црвенковски. Бранко не крие дека има амбиции и јас во 2006 година се соочив со суетата на Црвенковски. Не случајно некои членови од СДСМ останаа дома.“
„Во ноември минатата година, по скандалозното интервју на Заев за бугарскиот медиум ‘Бгнес’ Црвенковски соопшти дека ставовите на Заев предизвикаа и ќе предизвикуваат тешки и долгорочни последици за македонскиот народ и македонската држава. Тој соопшти дека го замрзнува членството во СДСМ се додека партијата не се огради од ваквите ставови. Неодамна на собирот во МАНУ Црвенковски рече дека „Македонија е корумпирана држава, нема еднакавост пред законот, нема правда, нема доверба во судството…“
„Но, дали главниот проблем на Заев во СДСМ е Црвенковски? Дали можеби проблемот на лидерот на владеачката партија е што многу негови сопартијци навистина се разочарани од него? Дали можеби изборите беа местото каде му покажаа на Заев дека не е се така розево во СДСМ и во Македонија?“
„Бучковски спомена суети, можеби со вистински одговор на овие прашања ќе се дознае кој е навистина суетен во СДСМ. Со тоа полека и ќе се решаваат сегашните внатрешни поделби во партијата. Не е лошо во меѓувреме во СДСМ да ја анализираат и пораката пратена од гласачите кои не се членови на партијата. Тие беа во огромен број.“ – заклучува „Скопско ехо“ во својот коментар.





