Собранието на Македонија на 5 октомври 1995 година изгласа промена на дотогашното државно знаме со Сонцето од Кутлеш, во употреба од 1992 до 1995 година, со сегашното со осум краци.
Промената се случи два дена по атентатот врз тогашниот претседател Киро Глигоров, а непосредно пред потпишувањето на Привремената спогодба со Грција.
„Добив задача од Владата, со дискреција, да направам студија за ново знаме, што би коинцидирало со завршувањето на преговорите со Грција, околу Времената спогодба. На овој проект не му пријдов со емоции кон предходното шеснаесеткрако знаме“, ќе изјави авторот Мирослав Грчев за Дојче веле пред девет години.
„Кога беше завршен проектот, го предадов на претседателот Глигоров пред атентатот, а чув дека Собранието со конзенсус го прифатило новиот изглед на знамето, но кога го видов се изненадив, зашто забележав дека тоа не е мојата оригинална макета“, додава поранешниот сдсомвски градоначалник на скопската општина Центар, кој не знае кој го дообликувал во конечната верзија.
Сегашната власт во Македонија предводена од СДСМ го прогонува Сонцето од Кутлеш, за што се обврзала со потпишувањето на Преспанскиот договор, но со самото тоа симболот на древномакедонското кралство се претвори во симбол на Македонците што ја отфрлаат спогодбата од Нивици.






