Распишана е меѓународна потерница од страна на Интерпол, вчера откако и по тридневната потрага по 14 годишната Вања Ѓорчевска која исчезна на пат за училиште во понеделникот, нема никаква трага.
Од МВР соопштија дека интензивно се работи на пронаоѓање на девојчето.
Се проверуваат сите блиски и далечни контакти, како и сите електронски уреди за да се пронајдат какви било информации кои би можеле да доведат до исчезнатото девојче.
„Формиран е посебен штаб во Скопје. Целосно сме посветени да го најдеме девојчето. Во постојан контакт сме и со семејството. Беа водени низа разговори со блиски луѓе и со луѓе со кои мислиме дека била во контакт. Се проверуваат информации, видео материјали и се преземаат мерки за расветлување на случајот“, изјави портпаролот на МВР, Тони Ангеловски.Податоците за исчезнатото девојче се ставени и на Стоп-листа на граничните премини, како и на веб-страницата „Najdime.org.mk“.

МВР ги демантираше вчерашните шпекулации објавени во дел од медиумите дека девојчето било пронајдено во соседна држава.
Ѓорчевска исчезна во понеделникот утрото во Скопје, на пат кон училиштето Песталоци во близина на Дебар Маало. Последен пат била забележана на булеварот Партизански одреди пред „Броз кафе“, од каде што ѝ се губи трагата.





