Четири жени до Данела Арсовска: Не туку лажи и не омалуважувај, ти царице на манипулацијата

Четири жени од ВМРО-ДПМНЕ реагираат на обвинувањето на Данела Арсовска која на интервју за Канал 5 обвини дека добивала закани од лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски без да објави докази за заканите.



,,Ретко коментирам на политички теми зошто сметам дека во состојба на економски колапс нема место за секојдневна политика. Но, неправдите и невистините некогаш човек го вадат од кожа.
Изјавата на градоначалничката Данела се коси со карактерот и културата на претседателот Мицкоски. Тоа не е Христијан Мицкоски. Однесувањето, зборувањето и мислењето на претседателот Мицкоски се на највисоко ниво и создаваат високо ниво на внатрепартиска демократија која е столб за развој на една партија и држава. Самиот факт што успеа да ја консолидира партијата кога беше најтешко и да ја направи победничка на последните локални избори покажува дека го имаме вистинскиот лидер.
Доста ни е од политичари кои само омаловажуваат и навредуваат. Ние треба да станеме европска и цивилизирана Македонија! За тоа се бориме…”, реагира екс вицегувернерката на Народната Банка Маја Кадиевска Војновиќ на однесувањето на Данела Арсовска.

,,Кога конкретно, ЛИЧНО И ДИРЕКТНО ја добиваше поддршката, кога конкретно, лично и директно ја бараше поддршката тогаш приказната беше поинаква. Кога конкретно, ЛИЧНО И ДИРЕКТНО ти беше посочено дека ќе требаат промени, работа и резултати, беше сигурна дека менаџер како тебе не ни знае поинаку.
Е сега, конкретно, ЛИЧНО И ДИРЕКТНО кога ги нема резултатите, поддршката лажно ја претвори во наводни закани. Со насмевка на лице презентираш скандалозни наводи, мора да признаеме ако не во работа, барем во манипулација си неприкосновена.
Не жена, ниеден човек не треба да се служи со вакви манипулации и спокојно да продолжува да ја ужива власта.

Но, времето на валкани лаги ќе го претвориме во време на чиста вистина!, пишува Марија Митева, портпаролка на ВМРО-ДПМНЕ за тешките недокажани обвинувања од градоначалничката на Скопје Данела Арсовска.

,,Има денови кога не сакам ниту еден збор да кажам во врска со некој лажен текст во некој портал. Го сметам за изгубено време без никаква продуктивност. А потоа си велам, зошто да премолчувам?
Епа денес баш сакам неколку збора да напишам околу оние обвинувања од незрели политичари, кои поради хаосот кој го продуцираат имаат желба да се истакнат измислувајќи лаги за други, на кои се изнасмеав, не само јас, туку и сите други кои го познаваат претседателот Hristijan Mickoski.
Различни сме комплетно. Јас многу потемпераментна и некој што не трпи ништо, а тој многу посмирен и собира сѐ во себе. И двајцата работници – самоуништувачи. Да баш така, самоуништувачи на сопственото здравје и фамилии.

Долго време работиме заедно. Прво во АД ЕЛЕМ, потоа и во ВМРО-ДПМНЕ. И кога толку долго работите заедно ги учите сите доблести и маани кои што ги имаат вашите соработници или претпоставени.
Е затоа денес не можам да не се изнасмеам на текстот дека претседателот Мицкоски се заканил на некого. Нивото, културата, воспитанието, секојдневното однесување, начинот како реагира кога јас сум нервозна и милион други работи покажуваат дека тоа никогаш не може да бидат негови зборови.
Не се случило да искритикува некого, ниту пак да навреди. Кога друг ќе даде таков коментар тој само вели: Научи се да живееш со слабостите на другите луѓе и движи по својот пат. Времето е најголемиот сојузник кој ќе покаже кој е во право а кој е крив.

Проблемот во нашата држава е да прифатиме дека нештата се менуваат, дека имаме претседател на најголема политичка партија со вистински вредности, манири, култура достоинство и чесност. Човек кој не знае да навреди, туку знае само да почитува, па дури и кога спротивната страна тоа не го заслужува.
Направете анализа и ќе видите дека не постои во македонската историја политичар кој е толку навредуван како него. Ниту тој, ниту пак неговите соработници не потклекнуваат токму затоа што знаат дека нема вистина во ниту еден збор. Е таа верба и доверба и тој негов челичен карактер без навреди, достоинствено го донесе денес да биде прв на анкети, а и ВМРО-ДПМНЕ да биде исто така во голема предност пред СДСМ.

И како што секогаш вели, времето ќе покаже и докаже!”, стои во реакцијата на потпретседателката на ВМРО-ДПМНЕ Гордана Кочоска Димитриевска.

,,Во текот на вчерашниот ден добив прашање од Инфомакс и Александра Петровска.
Прашањето беше:
“Почитувана, како претседателка на УЖ на ВМРО-ДПМНЕ, како ги коментирате изјавите на градоначалничката Арсовска дека добивала закани од Христијан Мицкоски. Дали осудувате вакво насилство и дали доколку се докаже дека е вистина ќе побарате извинување од Мицкоски?
До почит,
Александра Петровска, Инфомакс.”

Чекав 24 часа да го објават одговорот, тој не беше објавен. Иако се согласи да го објават во целост. Во прилог одговорот кој го дадов:

Одговор на вашето прашање, воедно би замолила, во име на професионалното известување и вашата декларативна заложба информациите да се без цензура, истиот да биде пренесен во целост:


Како жена која што ја предводи најголемата политички организирана структура на жени во Македонија можам да кажам дека изнесените тврдења за некакви закани се комплетна лага и измислица. Впрочем претседателот Мицкоски секогаш давал огромна поддршка во борбата за правата на жената, а како човек кој има лично искуство од тимската работа во партијата и директна соработка со Претседателот на партијата можам да посведочам дека тоа што го соопшти Арсовска не е дел од неговата култура, ниту пак е карактерна особина на претседателот Мицкоски, нешто што пак не можам да го кажам за г-ѓата Данела Арсовска. Ќе потсетам дека таа впрочем освен од раководните органи на партијата, имаше огромна поддршка и од мене лично и од целата Унија на жени на ВМРО ДПМНЕ. Јас лично бев вклучена во борбата против говорот на омраза кој беше насочен кон г-ѓата Арсовска во изборната кампања, а таа денес очигледно ја превзема палката и ударното место во сеење на лаги и говор на омраза, нешто против што се боревме. Секој ден станува појасно која е суштината на средбите на Арсовска со Ковачевски, и создавањето на димна завеса за сите скандали на власта. Жалам што Арсовска ја превзема таа улога која и ја додели власта, и ќе и препорачам помалку да служи за туѓи интереси и да не биде водена од тендер политиката, и повеќе да е фокусирана кон решавањето на проблемите на скопјани. Самото количество на лаги отвора и сомнеж за деловна неспособност во раководењето на градот, нешто за што треба да се позанимава и самиот систем на државата.Плус со глумењето жртва во политиката ги дискриминира и иритира сите оние жени кои биле навистина жртви во политиката”, објави Жаклина Пешевска претседателка на Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ која го користи хаштагот:
#НовинарствоБезЦензура.