Новата извршна власт ќе има 21 член. И покрај заложбите за поголема родова еднаквост, со министерските позиции ќе раководат 17 мажи и само 4 жени.
Бројот на жени во владиниот тим е ист како и во претходната Влада, иако новиот состав ќе брои едно министерство повеќе. Славица Грковска е назначена за вицепремиерка за борба против корупцијата, Славјанка Петровска, ќе го води Министерството за одбрана, Јована Тренчевска Министерството за труд и социјална политика, додека Бисера Костадиновска-Стојчевска е нова министерка за култура.
На вицепремиерските функции ќе се најдат уште и Артан Груби (политички систем и односи со заедниците), Бојан Маричиќ (европски прашања), Фатмир Битиќи (економски прашања) и Џемаил Чупи (дијаспора). На своите досегашни министерски позиции остануваат и Оливер Спасовски (МВР), Крешник Бектеши (економија), Фатмир Бесими (финансии), Горан Милевски (локална самоуправа), Бујар Османи (МНР), Благој Бочварски (транспорт и врски) и Насер Нуредини (животна средина и просторно планирање). Промена во ресорите има кај Јетон Шаќири, кој од Министерството за информатички науки преоѓа во Министерството за образование и наука и Љупчо Николовски, кој од вицепремиер сега ќе биде министер за земјоделие.
Нови министри се и Никола Тупанчевски (правда), Беким Сали (здравство) и Адмирим Алити (информатичко општество и администрација).







