Четири години по „Диво насеље“- се чека меѓународна истрага!?

Четири година од оружената пресметка во кумановското „Диво насеље“, што траеше два дена, при што животот го загубија осум припадници на Министерството за внатрешни работи,  додека четириесетина беа тешко повредени, се чека меѓународна систрага, пишува „Нова ТВ“..



Во престрелките животот го загубија Љубиша Аранѓеловиќ, Бобан Ивановиќ, Горан Илијевски, Жарко Кузмановски, Исамедин Османи, Сашо Самојловски, Ненад Серафимовски и Горан Стојменовиќ кои посмртно беа одликувани со „Медал за храброст“ за покажаната исклучителна храброст и самопрегор во одбрана на територијалниот интегритет и суверенитет на државата од страна на претседателот Ѓорге Иванов.

Покрај осумтемина припадници на полициските сили, беа убиени и 10 припадници на вооружената група.

За „Диво насеље“ од февруари 2016 година во Кривичниот суд започна судски процес против 29 лица кои се товарат за сторени кривични дела „терористичка организација” и „тероризам”. Сите  пред Судот се изјаснија дека се невини.

Од 37 обвинети за тероризам и терористичка организација, 33 лица беа осудени за делата, а за четири лица е донесена ослободителна пресуда.

На казна затвор од 20 години се осудени петмина обвинети, две години помалку доби еден обвинет, а по двајца обвинети добија казна затвор од 14, 13 и 12 години.

Обвинителството побара доживотен затвор за сите 37 обвинети за тероризам и терористичка организација..

Владата во ноември пред две години прифати да биде отворена меѓународна истрага за случајот „Диво насеље“. Премиерот Зоран Заев изјави дека е информирана меѓународната заедница и оти се бараат начини за спроведување на меѓународна истрага за неразјаснетите околности поврзани со настаните во кумановската населба.

Косовската влада во исто време донесе одлука, да додели по 10.000 евра помош за семејствата на жртвите во Диво насеље, што од македонските власти беше оценета како „лоша одлука“., потсетува Нова Тв.