Чепреганов: Со промовирањето на Михајлов како бугарски херој се легитимираат нацифашизмот и негацијата на Македонците

„Зошто бугарскиот политички врв го промовира како бугарски херој Иван Ванчо Михајлов, човекот со седум смртни пресуди и една доживотен затвор од воениот бугарски областен суд?“ – прашува македонскиот историчар проф.д-р Тодор Чепреганов во својата анализа со наслов „Дали денес Бугарија има расчистено со нацифашизмот?“, која ја објави весникот „Нова Македонија“.

Чепреганов пишува: „На 16 април оваа година бугарските медиуми јавија дека Кирил Петков, премиер на Бугарија, и Илијана Јотова, потпретседателка на државата, ‘на покана на културниот центар ‘Иван Михајлов’, ќе го отворат новиот ‘клуб на ова здружение во Битола…’. Што требаше во суштина да покаже овој чин?! Добрососедство, пријателство, престанок на говорот на омраза, почитување на различностите?! Или спротивното: недобрососедство, непријателство, говор на омраза, непочитување на различностите?! Јас го доживеав како промоција на јавна сцена, во туѓа држава, на нацифашисти и убијци. И тоа не од кого било, туку од бугарскиот политички врв, премиерот Петков, потпретседателката Јотова, членот на парламентот Захариева и другата свита, која ги придружуваше.“

„Сите до еден ‘докажани’ борци за европски вредности и стандарди!? Сите тие во името на европските стандарди и вредности во Битола политички го амнестираат и го рехабилитираат Иван Ванчо Михајлов, по кој е именуван културниот центар, човекот со 7 (седум) смртни пресуди и 1 (една) казна доживотен затвор. Шест (шест) му се изречени од воениот суд во Софија, 1 (една) од окружниот суд во Горна Џумаја и 1 (една) доживотен затвор од воениот суд во Софија. Човек што никако не може да се стави во рамките на обединувач меѓу Бугарија и Македонија, напротив тоа е човек за кого постојат ‘говеда македонски’, а не Македонци со македонски јазик, историја и култура.“

„Сигурно дека Петков знае оти за Иван Михајлов Македонците не постојат, како и за него самиот. Па како може културен центар со такво име да обединува? Тој може само да дели. Зар немаа попогодна личност од асли бугарската историја да стават име на културниот центар, а не да ги користат македонските историски личности, и тоа одродените?! Сигурно дека ништо не е случајно.“

„Дали Петков и Јотова беа свесни што промовираат во Битола при отворањето на новиот клуб на културниот центар ‘Иван Михајлов’? Ако не знаат, да им кажеме: говор на омраза од најдолен вид, недобрососедство, несоработка, непочитување на различностите. Наполно им дадоа легитимитет на нацифашизмот, убиствата и целосната негација на еден свој сосед во 21 век и сето тоа повикувајќи се на европските вредности.“

„Дали може некој клуб во Македонија да се именува ‘Адолф Хитлер’, ‘Менгеле’, „Ајхман’ и дали одговорните државните органи, одговорни за тоа, би го дозволиле тоа? Дали Иван Михајлов, според бугарската логика, ќе стане жртва на комунизмот и ќе го добие своето место во бугарскиот пантеон на жртвите на фашизмот!? “ – прашува во својата анализа Тодор Чепреганов.

Интернет-врска до целата анализа:



https://www.novamakedonija.com.mk/makedonija/politika/dali-denes-bugarija-ima-raschisteno-so-nacifashizmot/