По изјавата на бугарскиот претседател дека нема да дозволи македонизмот да влезе во ЕУ, како и идеите на Коминтерната и на бивша Југославија, историчарот Тодор Чепреганов вели дека на Радев му пречи ние да влеземе во ЕУ како национално освестени Македонци.
Кој за што Радев за Македонија…
За Плусинфо, Чепреганов открива дека прв пат терминот „македонизам“ се јавува во 1871 година, во изданиејата на бугарскиот преродбеник и публицист, Петар Славејков.
„Славејков пишува во една прилика дека „повторно се појавија македонистите. Многу пати сме слушнале од македонистите дека тие не се Бугари“.
Под македонизам се подразбира национално освестени Македонци, свесни за својата нација, јазик и културата. На Радев му пречи ние во ЕУ да влеземе со македонизам, наместо како што тој би претпочитал со бугаризам – вели Чепреганов.
За Чепреганов е неприфатливо и тоа дека Македонија треба да се ослободи од југословенското минато.
„ Како тоа да се ослободиме од Југославија? Па ако се ослободиме од Југославија, тогаш ќе треба да се откажеме и од македонската државност. Тогаш ќе треба да признаеме дека до 1944 година сме биле Бугари“, вели Чепреганов за Плусинфо.







