Историчарот Тодор Чепреганов смета дека Македонија ништо не ја спречува да го реактивира барањето за репарации од Бугарија за жртвите и штетите направени во земјава во Втората светска војна.
„Тие договори за репарација остануваат да важат. Германија продолжува и денеска да исплаќа репарации, Грција за време на финансиската криза во земјата повторно го активираше прашањето за исплата на репарации од страна на Германија, така што и Македонија може да го направи тоа кон Бугарија, односно да го реактивира барањето за исплата на репарации врз основа на тој договор од 1945 година. Ако не ги платиле репарациите тогаш кога требало, треба и овој начин да го примениме и да ги потсетиме на нивната вистинска улога за време на Втората светска војна“, вели за весникот „Нова Македонија“ директорот на Институтот за национална историја (ИНИ) од 2001 до 2012 година.
Според членот 21 од Парискиот мировен договор од 1947 година, Бугарија била обврзана на Југославија да ѝ исплати како воена отштета 25 милиони американски долари изразени во златни унци, кои денес вредат околу 1,3 милијарди долари! Со оглед на тоа дека бугарската окупаторска војска тогаш била сконцентрирана главно на Македонија, нејзе би ѝ следувал најголемиот дел од тие средства.






