Чепреганов: Историската комисија цели да го промени колективното паметење на македонскиот народ и да изгради свест за заедничка историја со Бугарите

„Досега средбите меѓу бугарскиот и македонскиот дел од комисијата, задолжена да расправа за историските прашања, беа однапред најавувани, а потоа беше соопштувано и за што се расправа. За последните средби никој не знае дека воопшто се случиле, уште помалку што се разговарало на нив и дали било договорено нешто. Тоа одново го вклучи алармот кај македонските граѓани, кои имаат право да знаат каков историски поглед на историјата им се готви зад грбот, свесни дека секогаш кога нешто се прави зад нивниот грб, тоа е на штета на македонските национални интереси.“ – вели новинарот Сашо Таневски во анализата со наслов „Таинственоста раѓа сомнеж дека ѝ се крои нов поглед на македонската историја“, која ја објави весникот „Нова Македонија“.



Мешаната историска комисија почна да го користи методот на министерот Османи во преговорите со Бугарија

Покрај другото, во анализата натаму се наведува: Професорот Чепреганов смета дека оваа историска комисија работи исклучиво во функција на политиката и оти настојува да го промени колективното паметење на македонскиот народ. „Тие кријат што е договорено. Сигурен сум дека е договорено нешто, што не се соопштува. Најверојатно ќе донесат одлука дека Охридската архиепископија е значајна и за македонскиот и за бугарскиот народ како културно-историска вредност и оти треба да ја чествуваат двата народа како дел од заедничката историја. Задача на таа комисија е да изгради свест за заедничка историја на македонскиот и бугарскиот народ. Но, што има Бугарите да ни кажуваат како ние ќе ги чествуваме Кирил и Методиј?“ – нагласува Чепреганов.

Професорката Наташа Котлар-Трајкова смета дека Македонија е загрозена со постоењето на мешаната историска комисија. „Таа треба да ја смени историјата на македонскиот народ. Ќе дојде многу сериозен ден кога сите нешта ќе бидат расчистени. Не може комисија да донесува акти, кои ќе го урнат осумдецениското истражување и научно творење во Македонија. Државата треба да го има предвид мислењето на македонската историографија, а не она што го кажува бугарската историографија.“ – истакнува Котлар-Трајкова.