Челиковиќ: Македонија е изложена на притисоци и уцени, заради влез во ЕУ, а Бугарија со дозвола на ЕУ ѝ наметнува и ревизија на историјата!

„Критериумите, за кои се зафаќа Брисел во разни периоди и фази на расправата околу ЕУ-проширувањето, се прилично измешани, развлечени, или скратени. На Бугарија ѝ се дозволува како критериум за прием на нови членки на ЕУ да наметнува историска ревизија за настани од пред илјада и повеќе години. Тешко е да се разбере каква врска има тоа воопшто со „приспособувањето“ кон современите механизми на европската соработка и интеграција, за што зборува Урсула Лаен.“ – вели новинарот Ивица Челиковиќ во својата колумна со наслов „Македонија и доаѓање ‘дома’ во ЕУ“, која ја објави информативниот портал „Плус инфо“.



Покрај другото,Челиковиќ пишува: Украина се почесто добива истурено место во позиционирањата во чекалната пред ЕУ, каде што Киев има најкраток стаж на својот аспирантски статус. Албанскиот премиер Рама е можеби во право со своите иронични забелешки дека земјите во Западниот Балкан можеби би требало да завојуваат, за да го забрзаат сопствениот пат кон Брисел. Македонија е изложена на европска ветрометина, каде што со децении ја удираат и ја шибаат со разни вета, притисоци и уцени, што претходно мора да ги исполни за да дојде „дома“ во ЕУ.

Повеќе земји-членки велат дека натамошното проширување на ЕУ е во нивен интерес. Таквите ставови наидоа деновиве на потврда и на дводневниот неформален состанок на министрите на ЕУ од земјите-членки, што се одржа во шпанскиот град Мурсија. Најжешко прашање на агендата беше како ЕУ може да се приспособи, за да може да расте, да напредува и да функционира со повеќе членки отколку денес.

Според шведската министерка за ЕУ Џесика Розвал, руската инвазија на Украина предизвика прашањата на ЕУ-проширувањето повторно да станат итни. Розвал смета дека вратата на ЕУ мора да биде отворена за европските земји, кои ги исполнуваат највисоките барања во однос на демократијата, владеењето на правото, пазарната економија, но и многу повеќе од тоа. Но, како и многумина други нејзини колеги, не би било упатно, ниту пожелно, во овој момент да се шпекулира за можен датум, или година кога ќе се отворат ЕУ-портите за нови членки.

Прашањето кој дошол „дома“ во ЕУ, или, пак, се чувствува и понатаму како сирак, кој не може на вистински начин да се надева на домашна топлина во домот каде што не го примаат со раширени раце, и понатаму ќе биде нејасно меѓу земјите кандидатки за членство. За Романија и Бугарија вратата на ЕУ се отвори по релативно кус рок на „преџвакување“ на Копенхагенските критериуми. И покрај сите недоследности низ годините и децениите, очекувањата во однос на ЕУ и натаму се мошне големи. За земјите од Западниот Балкан ЕУ не може да биде ништо друго освен доаѓање „дома“.