„Кон какви европски придобивки и кон каква евроинтеграциска визија се ‘насочени’ Али Ахмети и албанските градоначалници во македонски општини, кои толку цврсто го прегрнуваат албанското знаме, што забораваат сѐ почесто дека постои и македонско државно знаме, општоприфатено во ЕУ и целиот свет? Со какво знаме ќе продолжи да мавта лидерот на ДУИ во коридата на соживотот во Македонија со неговите закоравени националистичко-шовинистички намери?“ – прашува новинарот и публицист Ивица Челиковиќ, во својата колумна со наслов „Мавтање со знамиња во коридата на сожителство“, која ја објави весникот „Слободен печат“.
Покрај другото, натаму Челиковиќ пишува:Во ЕУ секоја членка одделно е назначена со своите државни граници и со клучните симболи, меѓу кои и со своето национално знаме. Но, образложувајќи ги своите „европски“ визии, Ахмети вели дека во рамките на евроинтеграцискиот процес границите ќе се бришат, така што сите Албанци ќе бидат заедно во ЕУ. Албанското знаме, или знамето на „голема Албанија“, според Ахмети, кој им се обраќа на „албанските државотворци“ во Македонија, „денес е официјално и неприкосновено“.
Каква е тогаш иднината на Македонија во ЕУ-визијата на Ахмети? Македонија стана официјално двојазична земја, но дали тоа значи дека во ЕУ ќе треба да се зачлени и со две државни знамиња, откако ќе „паднат“ државните граници, онака како што тоа го заговара лидерот на ДУИ, триејќи ги задоволно рацете? Луѓето слободно патуваат од една во друга земја, но сувереноста на утврдените државни грaници никој не ги доведува во прашање. Никакви државни граници не се „бришат“, без оглед на зачленувањето во ЕУ.
Гордост на нордиската соработка е да се покажат и јавно да се манифестираат националните државни знамиња, наредени на јарболи едно до друго, на заеднички собири, културни манифестации и фестивали, на кои сите соседни нордиски земји добиваат еднакво внимание и рамноправен третман. Но, ниедно од овие знамиња не е предмет на оспорување, туку сите се симбол на националната гордост и меѓунационалната соработка. Знамињата на националните малцински групи се сфаќаат како знамиња, што симболизираат одредена етничка, или јазична припадност. Не и отворен стремеж за припадност кон други држави.
Самите, Ромите во Шведска, шведските Финци, торнедалските Финци и финските Швеѓани сите со гордост го истакнуваат своето знаме на датумите одредени со закон, но неприкосновеноста на државното знаме како национален симбол за нив е закон, кој никој не го оспорува.
Со какво знаме ќе продолжи да мавта лидерот на ДУИ во коридата на соживотот во Македонија со неговите закоравени националистичко-шовинистички намери? Ова Али Ахмети би требало на сите македонски граѓани, вкупно на сите, да им го објасни, зборувајќи јавно барем еднаш на македонски јазик во двојазичната Македонија





