Челиковиќ: Друштвото на писатели на Македонија е незаменлив дел на македонскиот идентитет, а не мртов коњ!

„Друштвото на писатели на Македонија (ДПМ) не треба да се укинува, иако многумина веднаш го исползуваа сегашниот миг да го прогласат злонамерно како мртов коњ, бидејќи ја изгубило смислата на своето постоење. Со неговото укинување би се избришал уште еден значаен и незаменлив дел на македонскиот национален идентитет.“ – реагира новинарот Ивица Челиковиќ, книжевен творец, преведувач и новинар, во својата колумна со наслов „Друштвото на писателите треба да добие државна поддршка!“. Колумната ја објави информативниот портал „Плус инфо“.



Покрај другото, Челиковиќ пишува: Што би ја заменило празнината, ако ДПМ се испрати во неврат и му се стави клуч на врата? Многумина посакуваат токму таков развој и „епилог“. Наместо тоа, на Друштвото на писатели на Македонија треба да му се пружи соодветна материјална и финансиска поддршка, за да ја зајакне својата позиција во општеството.

Кога ќе се спомене културата во Македонија и било што друго поврзано со творештво првиот одговор, кој ќе го добиете „немаме пари“, „буџетите се ограничени, што да се прави“ и „сакаме, ама немаме пари“. Тоа не е вистина. За луѓето кои одлучуваат во Македонија, не само сега, туку и со децении наназад, потребите и проблемите, со кои се соочува ДПМ, постојат само некаде на маргините на „интелектуалниот“ напор.

Оние кои никогаш немаат пари, а сакаат да ја водат државата и да се прогласуваат како заштитници на националниот идентитет, треба да бидат похрабри да го согледаат историското значење на ДПМ, за да прерасне ДПМ во интересна организација, отворена за сите активни писатели и литературни преведувачи (посебна секција).