Чекори ли Македонија кон кохабитација – пишува Горан Момироски

Шефот на државата Стево Пендаровски за 24 часа доживеа две најблаго кажано понижувања или недипломатски однесувања од неговите политички и партиски сојузници во владата на СДСМ и ДУИ.



Најпрвин завчера министерот за здравство Филипче на интервју за телевизија Телма јавно рече дека Пендаровски згрешил кога рекол дека преговарал со Фајзер.

Вообичаено дури и Филипче да е во право дека Пендаровски преговарал со Модерна а рекол Фајзер, ваквата навредлива и понижувачка порака за врховниот командант не се испраќа преку телевизија туку на службени консултации далеку од јавноста.

Веднаш потоа вчера Пендаровски не се појави на прославата на јубилејот на специјалната полициска единица Тигар затоа што според брифингот на неговиот кабинет за Канал 5 воопшто не добил покана за настанот.

Прославата на која меѓу ВИП гостите беше и градоначалникот на Скопје Шилегов, ја организираше МВР на чело со најблискиот соработник на премиерот Оливер Спасовски а главен говорник на неа беше Зоран Заев.

Двата инциденти меѓу довчерашните блиски партнери во двата главни столба на извршната власт укажуваат на можна ескалација на судирот меѓу Пендаровски и владата за кој досега само се шепотеше во нивни блиски кругови.

За упатените не е тајна дека критиките кои Пендаровски индиректно но јасно ги упатува кон владините претставници особено во поглед на санционирањето на појави поврзани со корупција, криминал и функционирањето на правната држава, не се доживуваат како конструктивна сугестија.

Дел од владините функционери од јадрото на СДСМ сметат дека Пендаровски уште сега размислува за неговата втора претседателска кампања и не сака својот имиџ да си го наруши со отворена поддршка на владата која има сериозни проблеми и на која и треба секаква поддршка особено од човекот кој го номинираше за претседател.

Владини претставници на Пендаровски му забележуваат дека премногу ги почитува сугестиите од своите странски партнери и не само што не влегува во отворена поддршка на владата туку и се обидува да се дистанцира од партијата, без која како што што се потенцира “ниту ќе станеше претседател, ниту може да добие следен мандат”.

Двата инциденти доаѓаат откако јавноста беше информирана дека предлозите за македонските одбранбени претставници во НАТО беа вратени затоа што не можеа да ги минат безбедносните проверки.

Формално Пендаровски како врховен командант на Армијата е човекот кој сега најмногу се срами што во Брисел пуштил луѓе со за НАТО спорен бекграунд.

Дополнително Пендаровски беше ставен во крајно комплицирана ситуација кога шефот на Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации во интервју за Радио Слободна Европа даде сосема различни бројки на луѓето кои треба да бидат проверени, добиле безбедносен сертификат или се уште чекаат.

Да биде ситуацијата уште понезгодна Пендаровски во петокот на Советот за безбедност седеше на иста маса со Заев и неговите министри кои вчера, само 24 часа подоцна се сликаа пред Волците.

Додека Пендаровски на Советот за безбедност зборувал за одбраната присутните Заев, Шеќеринска и Спасовски се подготвувале за прославата и знаеле дека Пендаровски не е повикан.

Дали тоа има врска со тоа што на советот не беше повикан “радиоактивниот” шеф на Воената безбедносна разузнавачка служба Василевски кој е под контрола на Шеќеринска и Заев, засега не е јасно.

Во срамот што Заев и СДСМ и го нанесоа на институцијата шеф на државата своја улога имаат и првите луѓе на специјалната единица Тигар.

Зошто тие не го поканиле Пендаровски како институција од која преку екс претседателот Ѓорге Иванов добиле орден за воени заслуги, е не само нејасно туку и крајно вулгарно.

Орденот за Тигрите добиен од Иванов на 5 мај 2016 година кога екс претседателот постхумно ги одликува и загинатите специјалци во Диво Насеље вчера го виделе сите присутни на церемонијата и сигурно им текнало дека не смееле да го понижат претседателот.

Но нешто и некој ги спречил.