Еврокомесарот Јоханес Хан утре ќе го претстави пакетот за проширување на ЕУ, потврди Комитетот за надворешна политика на ЕП кој ќе расправа по прашањето.
Министрите за надворешни работи на земјите – членки на ЕУ, ќе треба да расправаат за отворањето на преговори со Северна Македонија и Албанија, веднаш по објавувањето на пакетот.
Нема согласност од сите земји- членки на ЕУ за отворање на преговорите, бидејќи во некои од нив се потребни процедури на национално ниво, а кај други пак нема расположение за давање на зелено светло, а за отпочнување на преговорите е неопходна едногласна одлука од сите земји- членки.
Извршниот директор на Центарот за европски стратегии „Евротинк“ Љупчо Петковски очекува најпозитивен извештај досега:
„Преспанскиот договор се смета за единствената добра вест од Балканот, другите држави имаат многу поголеми проблеми од нас, така што мислам дека нашиот извештај ќе биде попозитивен од сите извештаи досега. Нема да бидеме насликани како држава во која тече „мед и млеко“, но ќе се даде позитивен сигнал и позитивна порака“, вели Петковски.
Но, тоа не значи дека извештајот нема да ги нотира и слабостите во одредени области или пак лошите резултати во некои од нив, оценува стручната јавност. Иако земјава никогаш не била поблиску д о датум за преговори забелешки секогаш ќе има, вели Симонида Кацарска од Институтот за европска политика.
Извор: Радио слободна Европа





