Чавушоглу до лидерите на НАТО: Фокусирајте се на примирје, а не на санкции

Турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу изјавил дека овонеделниот состанок на лидерите на НАТО треба да биде фокусиран на начини за обезбедување на примирје во Украина, а не само на санкции.



„Првата цел на сите треба да биде прекин на огнот“, рекол Чавушоглу пред новинарите на маргините на Организацијата на исламската конференција во Пакистан, пренесува агенцијата “AP”.

Чавушоглу порачал дека би требало да се сопре војната која моментално трае и дека секој би требало да се однесува одговорно и конструктивно.

„Секако, треба да покажеме единство и солидарност внатре во НАТО. Но, кој ја плаќа цената за војната која е во тек?“ , се запрашал шефот на турската дипломатија.

Чавушоглу додал дека Турција како посредник врши притисок да се сопрат борбите и дека е во контакт со украинската и руската страна.

Американскиот претседател Џо Бајден и другите лидери на членките на НАТО би требало да се состанат во четврток во Брисел.

На почетокот на овој месец министрите за надворешни работи на Русија и Украина се состанале во Анталија.