По повод денешниот марш за одбрана на новинарското достоинство, што ЗНМ го организира со Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ), претседателот на Здружението на новинарите потенцира дека целта е да се упати порака дека новинарството е јавно добро и дека условите во кои работат новинарите мора да бидат достоинствени
Во изјава за МИА, Чадиковски ведли дека самиот факт што денес излегуваат на протестен марш говори дека„ треба уште многу да се направи за да имаме достоинствено новинарство“.
Маршот ќе започне од пред зградата на Владата, а медиумските работници ќе се движат до Собранието на РС Македонија.
Како што објаснува претседателот на ЗНМ, целта е да упатат порака дека бараат почит кон новинарската професија и промени на подобро.
„Ќе бидеме гласни, видливи и што е најважно обединети. Очекувам колегите да бидат присутни, затоа што овие прашања што ги истакнуваме не се важни само за ЗНМ или за ССНМ, важни се за сите нас, новинарите, снимателите и останатите медиумски работници, важни се за граѓаните, за да не ги изневеруваме нивните очекувања“, вели Чадиковски.
Според Чадиковски, јавните функционери и денес знаат да имаат потценувачки однос кон новинарите и снимателите, агресивниот државен Пи/ар ја зема работата на новинарите, локалните и регионални медиуми работат на раб на издржување, а безбедноста на новинарите не е на ниво на кое би сакале да биде.
Новинарскиот марш се организира кога Здружението одбележува 77 години постоење.
Според претседателот на ЗНМ, новинарството минува низ сериозни трансформации во поседниве години кои ги диктираат новите технологии.
-Нашата задача како новинари е професионалните стандарди на професијата да ги пресликаме и во новинарството кое се менува. Како здружение на новинари заедно со СЕММ го направивме „Промедиа“, регистарот на професионални он лајн медиуми, со цел фелата сама да почне да ги решава проблемите кои постојат во „онлајн“ просторот. Тие се на добар пат, и очекуваме во наредниот период саморегулацијата да заземе уште позначајно место во медиумската сфера, додава Чадиковски за МИА.







