Европската одбојкарска конфедерација (ЦЕВ) го помогна кодомаќинот на претстојното Европско првенство за мажи Израел со 1,5 милиони евра за организацијата на натпреварите од групата Д, а преостанатите соорганизатори Македонија, Бугарија и Италија не добија ништо.
Поради финансиски проблеми, Израел имаше намера да се откаже од домаќинството, но ЦЕВ го спаси од срам.
Ова предизвика гнев кај другите домаќини, кои мораа да платат од 600 илјади до 1,2 милиони евра за да ја добијат организацијата.
Скандалот се случи пред изборите за нов претседател на ЦЕВ следната година, кога Србинот Александар Боричиќ ќе ја напушти таа функција по вториот мандат.
Европското првенство ќе се одигра од 28 август до 16 септември. Во групата Д во Израел, покрај домаќинот, ќе играат Франција, Грција, Португалија, Романија и Турција.
Македонија и арената „Борис Трајковски“ во Скопје ќе бидат домаќини на групата C, во која избраниците на селекторот Јошко Миленковски ќе стартуваат на 30 август против Данска, на 2 септември ќе играат со Црна Гора, наредниот ден со Полска, на 5 септември со Холандија и следниот ден против Чешка.
Четирите најуспешни селекции од групата продолжуваат во осминафиналето во италијанскиот град Бари, а тоа е и целта на „црвено-жолтите“, кои пред три дена ги почнаа подготовките за најголемиот одбојкарски настан во Македонија досега.





