Цензура во провладина телевизија – избришана емисија за СЈО и датумот со ЕУ

Адвокатот Јанаки Митровски јавно прашува кому не му се допаднала вчерашната емисија на 1ТВ која што сабајле била цензурирана односно избришана од каналот јутјуб.



“Вчера на покана на Чом(овски) со (Александар) Кржаловски и Емин (Аземи) разговаравме на повеќе теми. Сабајле емисијата е тргната? Кој бега од аргументирана критика? Кој има авторитет да трга емисии од тв?!”, прашува Митровски во врска со избришаната емисија на телевизијата која важи за провладина.

Дали емисијата е избришана затоа што гостите во повеќе наврати ја критикуваа владата или пак се работи за други причини телевизијата не објаснува.

Докази за тоа дека емисијата била успешно поставена на Јутјуб а подоцна избришана има повеќе а линкот до неа е нефункционален и на порталот Либертас.мк кој го пренесол оригиналниот текст и видео од 1тв.

Либертас.мк се уште не го избришал текстот првично објавен на 1тв а подоцна избришан , најверојатно од менаџментот и уредништвото на
Телевизијата.

Газда на 1тв е Бојан Јовановски познат како Боки 13 кој важи за близок на семејството и лично на премиерот Заев а директор на правната служба на телевизијата е синот на шефицата на СЈО Катица Јанева која се споменува во емисијата.

Во една од поентите на емисијата која може да се види на кајронот пишува: Зошто Јанева се само демантира?

На кајронот се поставуваат и прашањата: Зошто бомби за ДУИ? и Како Камчев стигна во Келн?

Сите три прашања се поврзани со работата на СЈО каде шефица е Катица Јанева.

Избришаниот текст на 1тв објавен од Либертас.мк:

Премиерот Зоран Заев влезе во ризик со своевидното предупредување до Брисел дека доколку РСМ не добие датум за преговори во јуни или во јули, неговата влада би можела да падне. Денеска за ова имаше жестока расправија во Бундестагот, а 13 земји членки потпишаа нон пејпер со кој бараат од ЕУ задолжителен датум за Македонија и за Албанија. На оваа тема во отвореното Студио 1 разговараа Јанаки Митровски, адвокат, Емин Аземи, новинар и Александар Кржаловски од МЦМС.

-Најлесно е да се протолкува дека е насочено кон земјите членки, затоа што Комисијата го направи тоа што требаше, да препорача да почнеме преговори. Но јасно е дека ситуацијата во земјите членки, особено во некои, не е таква за да се даде зелено светло за Македонија. Тоа беше доста јасно уште во април, за време на Берлинскиот самит, изјави Кржаловски.

Според него, тоа не е толку загрижувачки, бидејќи случајот со земјава е јасен и ќе се одлучи на декемврискиот самит и во првата половина од следната година навистина ќе ги почнеме преговорите.

-Се соочуваме со два наратива – нашиот ентузијазам е преголем, а Европа се наоѓа во период на уредување на Парламентот по изборите. Мислам дека тука сите играат на тоа да добијат време, ни Берлин ни Париз не сакаат да бидат предводници на процес кој би бил штетен за внатрешната политика, вели Аземи.

Според него, ЕУ има неконзистентни политики кон Балканот, што може да се види од поддршката на Холандија за Македонија, но не и за Албанија. Новите бомби, во Македонија насочени против ДУИ, а во Албанија против владата на премиерот Рама, Аземи вели дека немаат сериозна политичка содржина кон една партија.

-Не сметам дека е случајна изјавата на премиерот „или преговори или влада“. Јас дури обратно размислувам, дека г. Заев посакува да има предвремени избори. Не велам дека посакува да нема датум за преговори, бидејќи целата сила на оваа влада е насочена кон надворешната политика, бидејќи домашните задачи тешко се завршуваат, но посакува предвремени избори бидејќи веројатно проценува, ова е мое гледиште, дека горливите прашања поминаа, не се наивни во владејачката коалиција да не знаат дека Договорите со Грција и Бугарија им донесоа голема штета. И сметам дека сега сметаат дека е погоден момент на есен да има предвремени избори, изјави Митровски.

Линк до текстот и видеото на 1тв

https://1tv.mk/video/%d0%b4%d0%b0%d1%82%d1%83%d0%bc%d0%be%d1%82-%d0%be%d0%b4-%d0%b5%d1%83-%d0%bd%d0%be%d0%b2%d0%b8%d1%82%d0%b5-%d0%b1%d0%be%d0%bc%d0%b1%d0%b8-%d0%b8-%d1%81%d1%98%d0%be-%d1%82%d0%b5%d0%bc%d0%b8/

Линк до либертас.мк

https://www.libertas.mk/datumot-od-eu-novite-bombi-i-sјo-temi-vo-studio-1/