Цените на производите нема веднаш да се намалат и покрај поевтината струја

Блокот 1 во РЕК Битола од утринава повторно е вратен на мрежа, информираа од ЕСМ. Во моментов функционираат двата блока, нема информација кога РЕК Битола ќе работи со максимален капацитет. Но, од државни електрани објаснуваат дека годинава поради енергетската криза и потребата од зголемено производство ремонтите и санациите на блоковите ќе се изведуваат секогаш кога ќе се укаже можност за тоа, без да се загрози стабилноста на постројките.



Домашните капацитети се уште не се во „полн состав.“ Освен Блок 3 на кој се уште се монтира новиот трансформатор, не е целосно отстранет ниту дефектот од минатиот викенд во термоелекраната Осломеј. Од Влада се уверени дека Осломеј би можел повторно да се врати на мрежа во текот на утрешниот ден. Недостатокот до тогаш се надополнува со хидро потенцијалот и увоз.

Од први ЕСМ ќе има полни раце работа. На листата објекти кои треба да ги снабдува по субвенционирана цена, се уште 65 училишта, 57 фирми од прехранбениот сектор како и плус 6 водостопанства, информираа од Влада.

Токму за оваа намена ЕСМ секојднево увезува струја, па така државни електрани веќе почнаа да бараат количини и за следната година. На новиот оглас кој треба да заврши денеска, се бараат 12 600 мегават час електрична енергија за периодот од 2-ри до 8ми јануари.

ЕСМ останува со предизвиците за стабилно и зголемено домашно производство, додека домаќинствата и малите потрошувачи веќе го добија новиот ценовник за потрошен киловат кој ќе стартува за два дена.

Од први јануари домаќинствата ќе добијат незначително пониски цени во блоковите и намалена мрежарина, но ќе добијат повисоко ДДВ, кое од 5 се зголемува на 10%. Малите потрошувачи пак, од први ќе плаќаат поефтина струја за речиси 20%.