Наместо очекуваното ублажување во 2022, енергетската криза се продлабочи. Ќе има ли парно? Ќе има ли рестрикции на струја? Ќе има ли поголеми сметки? – Граѓаните цела година ја поминаа под стрес и со овие прашања. Владата постојано повторуваше – ова е глобален проблем, Македонија не може да биде поштедена. Сепак, експертите не се согласуваат – велат дека доколку навреме се направеа неопходните чекори – зголемено домашно производство на струја, инвестиции во енергетска ефикасност, навремена набавка на енергенси – кризата ќе беше многу поблага.

Не набавивме гас на време па купувавме месец за месец, ТЕ-ТО не проработи, а третиот блок на РЕК Битола трансформаторот го дочека дури во декември, половина од капацитетите беа во ремонт, а ЕСМ трошеше милионски суми за увоз на струја – Македонија неподготвена ја дочека најтешката зима за која Владата не подготвуваше дека ќе се случи со месеци.
Експертите сметаат дека мора и да се направат инвестиции за енергетска ефикасност. Иако изминатава година бизнисот постојано бараше олеснување на процедурите за поставување на фотоволтаици, Владата тоа го најави дури во есента кога и не можеше да се искористи сончева енергија, а до МЕПСО пристигнале 10 пати повеќе барања отколку што може елекропреносниот систем да спроведе мегават часови.
Поскапувањето од 1 јануари нема да биде последно – цената на струјата ќе продолжи да оди само нагоре, сметаат познавачите. Според нив дури и она што сега се плаќа е нереално евтино бидејќи Владата за социјален мир го оптоварува буџетот и ги субвенционира сметките.





