Однапред договорената цена за природниот гас договорена меѓу државната компанија ЕСМ и бугарската компанија „Балкан јутилитис“ е многу поголема од берзанската цена на гасот. Изминативе неколку недели цената на природниот гас на светските берзи континуирано се намалува.
„ЕСМ енергетика“, од долгогодишниот домашен партнер „Макпетрол“ доби пониска цена од таа што „ЕСМ продажба“ ја договори со бугарската компанија. Тоа не беше пречка за државната компанија, која со топлинска енергија ги снабдува индивидуалните домови, училиштата и деловните објекти во Железара, Автокоманда, Триангла, Маџари и Хиподром, да плати повеќе од потребното.

Во моментов цените на природниот гас на светските берзи е ниска во споредба дури и со периодот пред почетокот на војната во Украина. Договорот за јануари потпишан со „Балкан јутилитис“ подразбира фиксна цена, а тоа значи дека „ЕСМ продажба“ во моментов плаќа поскапо за гасот. Проценката е дека само за јануари разликата во цена ќе достигне дури и до еден милион евра.
На повикот на државната компанија „Макпетрол“ испрати понуда поврзана со движењето на цените на берзите. Ако таа понуда беше прифатена, денеска ќе се трошеа помалку буџетски пари за производство на топлинска енергија.
За „ЕСМ продажба“, според нивното официјално соопштение, сето ова не претставува никаков проблем, па тие најавија дека и за февруари ќе објават повик за набавка на природен гас со фиксна цена. Во соопштението се нагласи дека сите понуди со флексибилна цена, нема да бидат ни разгледани. Во образложението на ЕСМ се вели дека компанијата мора да има обезбеден буџет и да може да направи пресметка за купување гас што ќе го плаќа однапред.
Гасот е берзански продукт, а тоа значи дека во февруари цената може и да се зголеми, па се поставува прашањето како ќе постапи „Балкан јутилитис“ ако цената е поголема од понуденото од нивна страна? Дали во овој случај бугарската фирма ќе продолжи да ја снабдува земјата со природен гас или пак ќе се откаже?
Според официјалните податоци на бугарските финансиски институции „Балкан јутилитис“ во последните три години работела со загуби. Во 2019 година оваа компанија пријавила загуба од од 98.012 евра, а во 2021 година таа бројка била 33.691 евра. Десетгодишната лиценца за трговија со природен гас оваа фирма ја добила на 15 септември 2022, а бугарскиот регулатор ја дефинира како микропретпријатие.
„Балкан јутилитис“ е фирма поврзана со името на рускиот олигарх Александар Лебедев и со бројни други сомнителни зделки на релација Русија, Грција, Бугарија, Кипар, Девствени острови.






