„Статистичкото законодавство на ЕУ и препораките на ООН не предвидуваат граѓаните да се изјаснуваат врз основа на националната или верската припадност. Не е тешко да се погоди кој и зошто дозволил толкава политизација и естрадизација на резултатите од Пописот 2021.“ – се наведува во статијата со наслов „Како станаа нацијата, верата и јазикот приоритетни за пописот?“, која ја објави весникот „Нова Македонија“.
Во статијата пишува: „Се наметнува прашањето: зошто приоритет им беше даден на податоците за верската и за националната структура на населението, по сите објаснувања дека пописот е неопходен заради утврдување на реалниот број на жители на државата, нивната возрасна, полова, образовна… структура, територијалната распространетост, работниот ангажман и слично, врз основа на кои ќе се креираат економските, социјалните, образовните и други политики? Тоа особено откога директорот на Заводот за статистика Апостол Симовски најави дека резултатите од економскиот и образовниот дел од прашалникот ќе бидат објавени кон крајот на јуни.“
„Прашањата за етничката припадност, религијата, мајчиниот јазик и јазикот, на кои населението одговара според сопственото чувство, не се од интерес за статистиката и не се задолжителни во пописот, како што е наведено и во препораките на Обединетите Нации за пописите на населението. Преку овие прашања се политизира попишувањето. Според реакциите во јавноста по објавувањето на првиот сет податоци, целиот интерес и сето незадоволство се насочени токму кон овие податоци.’ – објасни вчера одговорната за односи со јавност во Заводот за статистика Јасмина Ѓоргиева.“
„По заклучокот дека ваквите „очекувања“ на јавноста за пребројувањето по национална и по верска основа некој морал да ги артикулира и озакони, а политичките партии веќе го кажаа своето, објаснување побаравме и од Советот за статистика, кој како советодавно и стручно тело на државната статистика го именува и го разрешува Собранието.“
„Изјаснувањето на граѓаните по етничка и верска основа не е предвидено во прашалникот на Евростат, но за нас, поради општествениот амбиент во кој живееме, незамисливо би било да не ги поставиме и тие прашања. Ако не беа вклучени овие прашања во пописот, ќе имавме страшни реакции од пошироката јавност. Веќе на првата седница на Советот ќе побараме одговори за тоа како дошло до грешки во претставувањето на податоците, но и за дилемите околу бројот на непопишаните…’ – изјави Анета Цекиќ, вонредна професорка на Институтот за социолошки и политичкоправни истражувања при УКИМ и една од 13-те членови на Советот за статистика.“
„Упатените потсетуваат и дека историјата на целиот регион е преоптоварена со верските и со националните судири, поради што таквите прашања имаат стремеж само да ги зголемат напнатостите и да го одвлечат вниманието од други посуштински содржини.“ – се заклучува во статијата објавена во „Нова Македонија“.
Интернет-врска до целата статија:





