Министерката за образование, Мила Царовска, демантира дека сексуалното образование во основното училиште има цел да ги учи децата на некакви развратни работи, како што се шири од граѓанско здружение ,,Од нас за нас“, чија претседателка Гордана Гоџо е позната по антиваксерските ставови, запрашување со алуминиум, чипирање преку вакцините и слично.



,,Категорично ги демантирам невистините проширени од фб групата „Од нас за нас“ на социјалните медиуми, а пренесени од дел од порталите, за наводни содржини во учебници за второ одделение за изучување на сексуалното образование. Веста е целосно лажна, а користените илустрации кои воопшто не се дел од учебници и материјали од нашиот образовен систем.

Ги повикувам граѓаните, родителите и учениците да не подлегнуваат на непроверени информации коишто се шират на социјалните медиуми, затоа што со истите се нанесува директна штета на Министерството за образование и наука, како и на целиот образовен систем.

Прикажаните текстови и илустрации кои се прилепуваат на делови од Концепцијата не се извадени од наставни материјали предвидени за нашата земја. Барам одговорност за лажните вести кои се тенденциозни, со намера да шират паника и да ја манипулураат јавноста, а за постигање на цели кои немаат никаква допирна точка со унапредување на образованието“, напиша на својот ФБ профил министерката Царовска.

За воведување на сексуалното образование за деца од второ одделение, имаше повеќе реакции на социјалните мрежи.