Сефер Цаноски, основач и сопственик на универзитетот ФОН, „за еден ‘Торбеш’“ прашува зошто комисијата за уставни измени не предложила во највисокиот законодавен акт да бидат впишани Македонците со исламска вероисповед, кои ги именува со терминот што за него не бил „погрдна именка“, туку „реален факт“?!



„Дали поради тоа што зборувам не 20% туку 100 % од јазиците кои се говорат во Македонија треба да имам некои посебни права поради тоа? За еден ТОРБЕШ прашувам.

Торбешите можеби биле негирани и потиснати во минатото. Но, на пописот ‘никнаа’ и како име, и како бројка. Тоа е првиот факт, дека Торбешите постојат!

Втор факт, како официјално потпишана бројка од над 6.000 граѓани, што е повеќе од сите заедници заедно кои денеска се подготвуваат да бидат вметнати во Уставот. Но, предлог комисијата ги предложи сите овие заедници да влезат во Уставот, но не и Торбешите.

Горд сум, ги охрабрувам и поддржувам, заедно, со легални и демократски средства, да се избориме за своите, и да си го најдеме своето место во ова наше мултикултурно општество и држава!

Торбешите на овој попис покажаа дека не биле ‘торба’ за поткусурување, ниту пак погрдна именка, туку реален факт! Лојални, чесни и работливи граѓани кои покажале дека си ја сакаат својата татковина векови наназад

П. С. Клајте нè во ќитапот

Државата и Уставот се на граѓаните!“, напиша Цаноски на Фејсбук.

„Всушност, се гордеам што сум Албанец од страната на мајка ми. Уште повеќе се гордеам што по татко сум Торбеш“, додаде тој на албански како одговор на реакцијата на извесен Арсим Усеини дека тој всушност е Албанец.