„Германија го поддржува целосно зачленувањето на земјите од Западниот Балкан, отфрлајќи секоја маглива идеја ‘за процес на членство од втора рака’. За Германија, како сила со најголем политички и економски придонес во Европа, земјите од Западен Балкан имаат свое место во ЕУ.“ – вели Дитмир Бушати, политичар и поранешен министер за надворешни работи на Албанија (2013-2019) во својата колумна со наслов „Трите пораки на канцеларот Шолц за Балканот“, која ја објавија информативната агенција ИНА и други медиуми на албански јазик во македонија и во регионот.
Покрај другото, Бушати во својата колумна пишува: „Амбицијата на канцеларот Шолц е да помогне во решавањето на спорот меѓу с.Македонија и Бугарија, за да го заживее процесот на проширување во регионот во пресрет на состанокот на Европскиот совет на 23 и 24 јуни. Улогата на Германија беше решавачка и во градењето доверба меѓу с.Македонија и Грција, што доведе до потпишување на Договорот од Преспа. Веќе сме навикнати да гледаме лидери, кои разговараат за регионални прашања, но тоа не би било можно без Берлинскиот процес.“
„Убедена дека Берлинскиот процес не го ослободил целосно својот потенцијал, Германија сака дополнително да ја развива оваа платформа за соработка со тоа што ќе биде во позиција на гарант. Станува збор за реорганизиран меѓувладин процес, кој ќе се фокусира главно на политички и економски прашања од стратегиско значење, дополнително унапредувајќи ја регионалната соработка и ослободувајќи енергија за европската иднина на регионот. Ова не ги спречува земјите од регионот да работат и да инвестираат во иницијативи, кои обезбедуваат стандарди и квалитет на живот за граѓаните повеќе од овој процес.“
„ЕУ има многу предности наспрема Русија во однос на Западниот Балкан, поради нејзината географска близина, силните економски и културни врски и геополитичката ориентација на повеќето земји од Западен Балкан. Процесот за членство во ЕУ е прашање на политичка волја, припадност и реформи.“ – нагласува Дитмир Бушати во својата колумна, меѓу другото.
Инаку, Берлинскиот процес е дипломатска иницијатива поврзана со идното ширење на Европската унија. Берлинскиот процес је меѓувладина иницијатива за соработка, која има за цел да ги заживее повеќестраните врски меѓу Западниот Балкан и одредени земји од ЕУ, како и да ја подобри регионалната соработка на земјите од Западниот Балкан во областа на инфраструктурниот и економскиот развој. Мнозина сметаат дека Берлинскиот процес е една од водечките политички иницијативи на третиот владин кабинет на поранешната германска канцеларка Ангела Меркел, која се однесува на југоисточна Европа. Берлинскиот процес започна со првата конференција за Западниот Балкан во Берлин во 2014 година.
Home Македонија Бушати: „Шолц и Германија целат да помогнат во спорот с.Македонија-Бугарија, како и...





