Букуроца: Автономија треба да добијат и Албанците од Р*М, ако им се даде на Србите во Косово, инаку ќе експлодира нивниот револт!

„Ако под притисок на меѓународните чинители Косово биде принудено да создаде Српска Автономна Покраина во Косово, односно да воспостави автономија за Србите во Косово, тогаш ќе треба да им се дозволи автономија и на Албанците од * Македонија. Заради мирот во Балканот, бидејќи Албанците од * Македонија се дискриминираат и само е прашање на време кога ќе експлодира нивниот револт таму. Тие не се помирија никогаш да живеат под окупација, па ниту денес не се мират. Тие не се дојденци на својата територија!“ – овој став на извесен Лис Букуроца, поет, Албанец по потекло од Прешевската долина, на југот на Србија, е содржан во неговата колумна со наслов „Ако Српска Автономна Покраина, тогаш… “, која ја објави влијателниот косовски весник на албански јазик „Бота сот“.



Покрај другото, Букуроца изнесува: Косово треба да воспостави српска автономија. Но, за да се смири Западниот Балкан, тогаш треба да им се одобри автономија и на Албанците од * Македонија и од Прешевската Долина. Дискриминацијата на Албанците во тие две земји се смета како нешто правично дури и од Владата на Албанија. Меѓутоа, само е прашање на време кога ќе експлодира револтот таму. Ова ќе биде мотивирано и оправдано со српската автономија во Косово. Албанците не се помирија никогаш, ни вчера, ни денес, со окупирањето и со принудувањето да живеат во * Македонија, во Црна Гора, во Прешевската долина, во Србија!

Ако се создаде Српска Автономна Покраина во Косово, тогаш и на Косово треба да му се признаат целосна независност и суверенитет врз својата територија, но и правото да се обедини со кого ќе одлучи мнозинството на народот: со Србија, Со Албанија, со Македонија, или со Црна Гора.

Западот знае за етничкото чистење на Прешевската долина од Албанците, Западот знае за дискриминацијата на Албанците во Македонија. Западот го наградува лично албанскиот премиер Еди Рама за тоа што се согласува со оваа дискриминација на Албанците. Рама ги мотивира Албанците во странство да се чувствуваат среќни, поради дискриминацијата врз нив и ги кани во Албанија како дијаспора. Дијаспора во сопствената земја! Како да се дојденци во Македонија, во Прешевската долина, во Косово и во Црна Гора.

Лидерите на таа „албанска дијаспора“ во Македонија, Србија и Црна Гора го прогласуваат Еди Рама како „татко на албанската нација“! Тие лидери не се чувствуваат како дискриминирани, но го претставуваат најдискриминираниот народ во Европа – Албанците!