Буjар Османи со план од 9 точки за деескалација на ситуацијата во Косово

Шефот на македонската дипломатија, Бујар Османи, во својство на претседавач со ОБСЕ, објави план во девет чекори за деескалација и нормализација на тензиите на северот на Косово.



Планот, како што се наведува во соопштението од Министерството за надворешни работи, е во насока на постигнување траен мир и стабилност на северот на Косово и враќање на косовските Срби во институциите и демократските процеси.

1. Косово и Србија да ја реафирмираат посветеноста кон основниот договор и Охридскиот протокол.

2. Косово да ги повлече специјалните полициски сили, а Србија да ја намали борбената готовност на вооружените сили.

3. На полицијата на Косово, заедно со силите на КФОР и ЕУЛЕКС, да им се овозможи во целост да се грижат за редот и безбедноста на земјата.

4. Протестите да се откажат и да се стават во функција општинските функции и услуги, за нормално функционирање на општествениот живот, и воедно им се дозволува пристап на вработените во општините.

5. Градоначалниците да поднесат оставки до летото оваа година, отворајќи го патот за предвремени општински избори.

6. Предвремени општински избори да се одржат оваа година.

7. ОБСЕ ќе го поддржи изборниот процес, преку техничка поддршка на косовските власти кои ќе ги организираат изборите, зајакнувајќи ја со тоа довербата меѓу заедниците.

8. ОБСЕ ќе ги ангажира младите во програмите и процесите за помирување.

9. ОБСЕ ќе ги стави своите капацитети на располагање за поддршка на имплементацијата со добра волја од двете страни на договорените одредби и продолжување на дијалогот.