Бугарското министерство за надворешни работи остро реагираше на вчерашното соопштение на македонската влада дека блокадата на Бугарија е „неодговорна и тешка геостратешка грешка“.
Од бугарското МНР велат дека македонската влада постојано на јавноста и’ презентира лажни информации во врска со бугарската позиција во ЕУ, дополнувајќи дека официјално Скопје води „дипломатска и медиумска кампања за дискредитација на позициите на Република Бугарија”.
„Со наследен тоталитарен историски наратив, тешко е да се најде поддршка од Бугарија. Време е владата на Република с. Македонија да се откаже од манипулативната теза дека Бугарија го оспорува правото на самоопределување и идентитетот на граѓаните на Република с. Македонија или правото да го нарекуваат јазикот онака како што сакаат“, се вели во соопштението на Министерството за надворешни работи на Бугарија.
Соопштението е објавено само еден час пред средбата на Екатерина Захариева со специјалниот претставник на Македонија за Бугарија Владо Бучковски.
Македонската влада, во врска со бугарското вето вчера соопшти дека „За жал, процесот на проширување како стратешка цел на ЕУ го запре Република Бугарија како членка на ЕУ.
Станува збор за неодговорна и тешка геостратешка грешка. Неодобрувањето на преговарачката рамка е на штета на фундаменталните принципи и вредности на Европската Унија“.






