Бугарските академици не ја прифаќаат моментално предложената рамка за отворање преговори за Македонија и нацрт-декларацијата кон неа, се вели во денешното соопштение од Бугарската академија на науките (БАН) која „будно го следи развојот на односите меѓу Софија и Скопје“.



Во петокот (6-ти ноември), Бугарија објави дека не може да ја поддржи рамката за преговори со Македонија за ЕУ. Советот за општи работи треба да се состане на 17 ноември, на кој партијата треба да објави дали ќе стави вето.

Во соопштението на БАН се вели дека Академијата останува верна на традициите да се грижат за „проучување на бугарските земји и природа, бугарската суштина, литературниот јазик, бугарската историја“.

БАН смета дека напорите на бугарската влада да ја приближи Република с Македонија кон вредностите на Европската унија се плодни и ја поддржуваат позицијата на владата пред Европската комисија, пренесува Њуз.бг.

Како што пишува порталот, научниците од БАН не ја прифаќаат моментално предложената рамка за отворање преговори за Македонија и нацрт-декларацијата кон неа.

Во соопштението уште се додава дека академиците цврсто ќе ја бранат со научни средства историската вистина за минатото на историско-географскиот регион на Македонија, вклучително и бугарската национална и културна припадност на мнозинството од нејзините жители.

Академијата ќе продолжи со истражување на тема „Македонија“ и популаризирање на резултатите, без оглед на политичките влијанија и аспирации на одредени кругови во Република Македонија да го промени минатото, пренесува порталот.