Бугарскиот премиер Петков на 18-ти јануари во Скопје?

Новиот бугарски премиер Кирил Петков најави дека датумот на неговата прва посета на Македонија најверојатно ќе биде 18 јануари.



Во интервју за ТВ Блумберг, Петков вели дека со Ковачевски сакаат да создадат сосема поинаква рамка за разговорите.

Петков вели дека досега главниот фокус беше на историската дебата, но тој смета дека е поважно сите дискусии да се стават на победничка основа за сите. Затоа, како што вели, отвораме пет нови групи – за инфраструктура, економија, културни размени, влез во ЕУ и историја. Сите овие групи треба да работат исклучително ефикасно во следните шест месеци и да постигнат реални резултати.

Запрашан за историјата што останува проблем меѓу двете земји, дури и ако сите други работни групи постигнат одреден напредок, Петков во интервјуто рече рече дека верува оти луѓето би биле многу понаклонети да бидат поотворени кога ќе се соочат со сите позитивни страни на добрососедството, а такви ги има многу. Досега, вели, не се зборуваше за нив, туку само за проблемите, а кога станува збор за проблемите, сите се држат до своите позиции и нема напредок.

Тој кажа дека има многу густ распоред на овие меѓувладини и деловни средби, како и културни групи од двете страни со многу јасни цели. Според тоа како се постигнува напредок по сите прашања, Петков очекува да се одреди конечниот датум за прием на Република Македонија.

Шефицата на кабинетот на Петков, Лена Бориславова, по вчерашната владина седница, информираше дека Бугарија е спремна да пружи рака за започнување на конструктивен дијалог со Македонија.